Припадници на српското Министерство за внатрешни работи во Бор, по налог на Основното јавно обвинителство денеска го уапсија Б.П. (1959) поради постоење сомневање дека извршил кривично дело полово вознемирување.

Осомничениот се терети дека со своето однесување полово вознемирил 15-годишна малолетничка со која се сретнал по нејзин повик по што таа, како што се сомнева, со мобилен телефон направила три фотографии со недолична содржина.

По одобрување на надлежното обвинителство, на осомничениот му е одреден притвор до 48 часа по што, со кривична пријава, ќе биде изведен пред обвинител, соопшти Полициската управа Бор.

Во српските медиуми минатата недела се појавија фотографии на социјални мрежи на кои заменик-градоначалникот на Бор, Бранко Периќ се бакнува и гали со девојче од 15 години.

Тој потоа поднесе оставка.

Фотографиите брзо потоа биле отстранети од социјалните мрежи, но во меѓувреме ги виделе и зачувале голем број корисници на Фејсбук. Во целиот случај набргу се вмеша и полицијата.

Периќ тогаш изјави дека фотографијата од неговиот бакнеж со девојчето била направена кога и честитал за добро направена работа. Тој тврдеше дека и со другите девојки, кои биле ангажирани, се поздравил на сличен начин.

– Имавме собир во локалниот Дом на културата и тука беа девојчињата кои ја украсуваа салата. Влегов и видов дека работата одлично ја завршиле, поради што им честитав, наводно изјавил Периќ, пренесоа тогаш српските медиуми.

Девојчето негирало дека имало било каков однос со функционерот.