Косовската полиција денеска го уапси пратеникот и новинар Миљаим Зека заради закани изречени кон обвинителот во Специјалното обвинителство на Косово, Африм Шефкиу.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Зека е упасен по налог на приштинското Основно обвинителство поради изјавите што ги даде како гостин во емисија на телевизијата Т7.

Пратеникот на владејачката Иницијатива за Косово (Нисма), како гостин во емисијата „ДПТ кај Фидан“, рече дека „ќе ги расчисти сметките“ со специјалниот обвинител, кој води случај против него за измама со визи.

– Јас сум понижен. Јас ќе ја истерам правдата. Никогаш нема да му го простам понижувањето. Бидејќи луѓето сега за мене велат „види го овој крадецот со визите“ – изјави Зека.

Обвинителот Шефкиу во обвиниението против Зека и негов поранешен партнер предложил 907 сведоци, од кои 900 се жртви на измама со работни визи за Германија, за кои вели дека се оштетени со вкупно околу 350.000 евра.