Германската полиција во вторникот уапсила 14 работници на градилиштата во Минхен, кои работеле со лажни документи издадени од Хрватска. Повеќемина од уапсените се Срби и Македонци и сите работеле за иста фирма.

Даночните и царинските инспектори во соработка со криминалистичката полиција вршеле проверка на 130 работници, а 14 биле приведени.

На местото на кое се наоѓа градилиштето се планира да биде изграден правосуден центар со 54 згради. Завршетокот на изградбата е планиран за 2022 година. Ова е најголем градежен проект во германското правосудство од Втората светска војна, пренесува Феникс.

Под истражна постапка се и одговорните лица во претпријатието, а има сомневања за затајување данок и измами при плаќање на социјалните придонеси. Некои од работниците биле ангажирани за прекувремена работа, што не било забележано во службените документи на фирмата.