Црногорскиот парламент го усвои Законот за слобода на вероисповед по тензична ноќ, која заврши со инциденти во собраниската сала, по што беа уапсени просрпските опозициски пратеници од Демократски фронт (ДФ). Пратениците од ДФ, за да спречат носење на законот, ги напаѓаа физички пратениците од владејачката коалиција, гаѓаа со шишиња, чаши, корнеа микрофони и се обидоа да фрлат солзавец во пленарната сала. Поголеми инциденти се спречени благодарение на брзата интервенција на обезбедувањето. Сите пратеници на ДФ се однесени во полиција, додека преостанатите пратеници, од различни етнички заедници, кои ја поддржуваат Владата, гласаа за законот, со кој се предвидува црковниот имот да го преземе државата доколку верските заедници не можат да ја докажат нивната сопственост.

Засега не е познато какви ќе бидат натамошните потези на Црногорско-приморската митрополија на Српската православна црква. Во соопштението до јавноста, митрополијата целата одговорност за последиците од донесувањето на законот им ја припишува на пратениците што гласале за него, на Владата што му го предложила и на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ. Митрополијата наведува дека со усвојувањето на законот е „потврден сомнежот“ на таа црква за „грабање“ на имотот на Православната црква, што ќе послужи за создавање нова, државна, подобна и послушна автокефална црногорска православна црква.

Новиот закон за слобода на вероисповед ги обврзува црквите во Црна Гора да ја разјаснат сопственоста на недвижностите што се нашле во нивна сопственост пред 1918 година. Законот, меѓу другото, предвидува подржавување на црковниот имот за кој не постои доказ за сопственост пред 1918 година, кога Црна Гора станала составен дел од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците.