Полицијата на Република Српска уапси пет лица осомничени за детска порнографија.

Министерството за внатрешни работи на Република Српска објави дека како дел од оперативната акција со кодно име „Систем 2021“, биле уапсени лица за кои постои сомневање дека сториле кривично дело експлоатација на деца за порнографија во претходниот период.

Во акцијата се уапсени лицата со иницијали П.П.М. од Бјелина, П.М. од Бања Лука, Д.Б. од Босанска Дубица, М.Б. од Градишка и Д.С. од Модриша.

По наредбата на надлежните судови, полицијата извршила претрес на седум локации на територијата на Република Српска, кои ги користеле осомничените, и пронашла компјутери, таблети, мобилни телефони, УСБ-стикови, мемориски картички, СИМ-картички, камери и други уреди кои би можеле да бидат поврзани со детска порнографија.

Осомничените посетувале веб-страници кои содржеле материјали со фотографии од детска порнографија, ги преземале фотографиите и видеата од тие страници, по што во неколку наврати ги споделувале тие содржини користејќи ги социјалните мрежи и апликации.

Постојат и сомневања дека тие имале создадено простор за складирање на дигитални податоци кој бил под нивна контрола, и на тие места ја чувале содржината со детска порнографија.