Европската комисија и шефот на Европската народна партија (ЕПП) ги осудија апсењата во Грција на тројца новинари од весникот „Филефтерос“.
Новинарите беа уапсени на 23 септември по пријава од министерот за одбрана Панос Каменос, за статија посветена на наводни злоупотреби на европски фондови за миграција. Против новинарите е поднесена тужба за клевета.

Првиот човек на Европската народна партија (ЕПП) и кандидат за претседател на Европската комисија, Манфред Вебер, апсењето го нарече „застрашувачко“ и „спротивно на европските вредности“.

– Слободата на медиумите е еден од основните столбови на демократијата и треба да биде почитувана и негувана од сите – напиша Вебер на Твитер.

Европската комисија иако не сакаше да го коментира случајот додека не добие повеќе информации, потсети дека слободата на медиумите е „света“ за ЕУ.

– Нема демократија без слободни медиуми – изјави портпаролката на Европската комисија, Мина Андреева.

Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос ги негираше тврдењата на грчкиот весник дека неговото министерство злоупотребило европски средства наменети за подобрување на условите за живот на мигрантите во земјата.

Каменос изјави дека неговото министерство искористило околу 90 милиони евра од европски фондови, и тоа на транспарентен начин.

Грција доби 1,6 милијарда евра од европските фондови за справување со мигрантската криза. Но, условите за живот на околу 20.000 мигранти во камповите на егејските острови сѐ уште се лоши и постојано се цел на критики од страна на невладини организации. Камповите се преполни и хигиената во нив е многу лоша.