Вкупно 1.509 лица, вклучувајќи и поранешни војници, се осудени на доживотен затвор за 171 случај, поврзани со обидот за државен удар во Турција во 2016 година, соопшти денеска турскиот министер за правда Абдулахит Ѓул.

Тој прецизираше дека 631 лице се осудени на затворска казна во траење од 14 месеци до 20 години.

Во моментов се водат 116 случаи поврзани со обидот за државен удар.

Ѓул рече дека 34.000 луѓе во моментов се наоѓаат зад решетки, под сомнение за врски со муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, а пресуди по тие дела се очекуваат до крајот на годината.

Според турските власти, групата на муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен стои зад обидот за државен удар во Турција во 2016 година.