фото: илустрација

По вчерашните предупредувања на началникот на Генералштабот на грчката армија Евангелос Апостолакис дека грчката војска е подготвена да реагира во случај ако се загрози суверенитетот и територијалниот интегритет на оваа земја, денес грчките медиуми објавија дека турски воени авиони во текот на вчерашниот ден вкупно 110 пати го прекршиле воздушниот простор на Грција.

Според пишувањата на МИА, во прекршувањата во североисточниот, централниот и југоисточниот дел на Егејското Море учествувале 35 турски авиони од типот Ф-16 и Ф-4. Биле регистрирани и шест виртуелни воени борби со грчки авиони, а 16 прекршувања извршиле и шпионски авиони.

Прелетувањата на турските авиони во грчкиот воздушен простор, се очекува да биде една од темите за кои ќе разговараат членовите на Советот за надворешна политика на Грција, во кој членуваат претставници на грчките партии.

Со состанокот ќе претседава алтернативниот шеф на грчката дипломатија Јоргос Катругалос, а според официјалната најава, тема на Советот ќе биде информирање за клучните прашања поврзани со надворешната политика во следниот период, кипарското прашање и грчко-турските односи.