Најмалку пет лица загинаа, а едно се смета за исчезнато во големите поплави што го погодија северниот дел на Турција поради обилните дождови, објави денеска Одделот за вонредни состојби и несреќи.

Поплави ги погодија крајбрежните провинции во близина на Црното Море – Бартин, Кастамону, Синоп и Самсун уништувајќи куќи и мостови и носејќи автомобили.

Државата испрати хеликоптери за да ги спаси луѓето што се искачија на покривите на нивните куќи, пренесе „Асошиејтед прес“ (АП).

Водата почна да се повлекува во погодените региони на север, но спасувачките служби потврдија дека извадиле пет тела и дека бараат друго лице.

Се уште не е јасно дали спасувачите очекуваат да најдат повеќе тела во поплавените куќи и возила, додава АП.

Најлошо беше Кастамону, каде 13 лица беа повредени кога се урна дел од мостот.

Во Синоп, хеликоптерите однесоа 19 лица на сигурно, а многу погодени области останаа без електрична енергија и патиштата се блокирани.