Можното грчко проширување на територијалните води долж морската граница кон Турција би било причина за војна, изјави турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.

– Нема да дозволиме Грција да ги прошири своите територијални води во Егејско Море на 12 милји – рекол Чавушоглу.

Ова предупредување следи откако грчкиот премиер Киријакос Мицотакис минатата недела објави дека грчките територијални води во Јонското Море, кон Италија, ќе бидат проширени од шест на 12 милји.

И Турција и Грција имаат шест милји територијални води во Егејското Море, каде се наоаѓаат голем број грчки острови недалеку од турскиот брег.

Грција и Турција, членки на НАТО, последниве денови се спорат околу турските планови за истражувања во источното Средоземје, за кое се верува дека е богато со нафта и гас.