Турските власти издадоа налог за апсење на 110 лица, главно активни војници, како дел од акцијата против приврзаниците на Фејтула Ѓулен, кого владата го обвинува за организирање на неуспешен државен удар во 2016 година, објави државната телевизија.

Станува збор за нова акција како дел од четиригодишната пресметка со мрежата на приврзаници на исламскиот свештеник кој живее во егзил во САД.

Ѓулен негира дека бил вмешан во обид за државен удар во јули 2016 година во кој загинаа скоро 250 лица.

Властите ја започнаа акцијата од крајбрежниот град Измир, а за осомничените се трага во 26 провинции, објави телевизијата ТРТ Хабер. Други детали не се познати.

Скоро 80.000 луѓе завршија во притвор од обидот за воен удар, а скоро 150.000 државни службеници, воени и други функционери се сменети или суспендирани. Повеќе од 20.000 луѓе беа протерани од армијата.

Активистите за човекови права и западните сојузници го критикуваа обемот на мерките, велејќи дека владата го користи пучот како изговор за да ги задуши неистомислениците.

Владата ги негира обвинувањата, тврдејќи дека мерките се неопходни за националната безбедност.