„Гринпис“ ја поздрави забраната на Анкара за увоз на најголем дел од пластичниот отпад откако еколошката група соопшти дека открила извоз, веројатно нелегален, од Велика Британија и Германија кој создава „планини“ ѓубре во јужна Турција, пренесува „Ројтерс“.

Тимови на „Гринпис“ посетиле десетина места во провинцијата Адана и откриле пластичен отпад – изгорен или во процес на горење – главно од Велика Британија, Германија, Полска и од други земји на ЕУ.

Пластиката била оставена покрај патиштата, на полињата или близу извори на вода, а на сите места бил најден отпад од британски и германски фирми.

Турското министерство за трговија соопшти дека ја отстранило полиетиленската пластика од списокот полимери дозволени во земјата од 3 јули, формализирајќи ја забраната што планираше да ја воведе. Министерот за животна средина и урбанизација, Мурат Курум, рече дека царината ќе спроведува постојани проверки за да се спроведе забраната, што следи по блокирањето на увозот на мешана пластика.

Извозот на пластичен отпад е нелегален освен ако не е наменет за рециклирање или согорување во постројка за конверзија на енергија.