Турската Армија ги заврши подготовките за воената операција против силите на сириските Курди во областите источно од реката Еуфрат во северна Сирија, што вчера ја најави претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган.

Како што јави телевизијата НТВ, топови и тенкови на Армијата со камиони денеска биле префрлени во реонот на градот Килис, кој се наоѓа на границата меѓу Турција и Сирија.

Во градот биле прераспоредени и припадници на турските Вооружени сили од дриги реони на земјата.

Ердоган вчера најави дека Турција „во следните неколку дена“ ќе започне нова воена операција во северна Сирија, во областите источно од Еуфрат.

– За неколку дена ќе започнеме операција за прочистување на реоните источно од Еуфрат од сепаратисти и терористи, изјави Ердоган, додавајќи дека американските војници стационирани во овие области, кои им помагаат на борците на Силите за заштита на народот на сириските Курди, нема да бидат цел на операцијата.

Според Ердоган, ваквиот потег на Анкара „ќе овозможи трасирање на патот за политичко решение и за поздрава соработка“.

Аналитичарите проценуваат дека новата офанзива на турската Армија против борците на сириските Курди, кои се поддржани од САД, би можела да доведе до нови тензии во односите меѓу Анкара и Вашингтон, кои и онака имаат несогласување во врска со позицијата на Силите за заштита на народот.

Анкара ги смета Силите за заштита на народот за сириски огранок на Курдската работничка партија (ПКК), која од 1984 година води вооружена борба за автономија на Курдите во Турција. ПКК се наоѓа на листата на терорстички организации на Турција, САД и ЕУ.

Од друга страна, САД во Силите за заштита на народот гледаат важен партнер во борбата против џихадистичката група Исламска држава (ИД).

Турција во јануари годинава започна операција против Силите за заштита на народот во реонот на Африн во северна Сирија, по што до крајот на март ги потисна курдските борци од речиси целата територија западно од реката Еуфрат. Сега силите на сириските Курди контролираат најголем дел од територија на Сирија источно од Еуфрат.


Турски војник убиен при стрелба од сириска територија

Припадник на Вооружените сили на Турција е убиен денеска на турска територија во близина на границата со Сирија, при стрелба од реонот на сириското село Тел Рифат.

Како што соопшти турското Министерство за одбрана, војникот бил убиен од страна на припадници на Силите на заштита на народот на сириските Курди, кои се стационирани во тој дел од Сирија.