Турската државна новинска агенција објави дека обвинители бараат 15 годишни затворски казни за петмина новинари од опозициски весник, што ја зголемува загриженоста во врска со острите мерки на властите против вести кои се критични кон Владата, пишува „Вашингтон Пост“.

Според весникот, агенцијата Анадолија денеска објавила дека обвинителите ги обвинуваат колумнистите на весникот „Созџу“ Емин Коласан и Некати Догру, како и тројца уредници, за помагање на мрежата предводена од Фетулах Ѓулен, без да бидат членови на неговото движење.

Петмината новинари ќе бидат изведени пред суд во Истанбул на 18 јануари.

Турција го обвини Ѓулен за организирање на неуспешниот воен удар во 2016 година и неговата мрежа ја прогласи за терористичка организација. Ѓулен ги негира тврдењата.

Новинарите се обвинети дека ја поддржуваат групата на Ѓулен преку нивните написи во „Созџу“ .

Синдикатот на турските новинари соопшти дека моментално во Турција во затвор се околу 145 новинари.