Грција

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја повика Европската Унија на дијалог поради зголемените тензии на истокот на Медитеранот, но турските бродови ги продолжија истражувањата за природен гас, во поморската зона за која се расправаат Анкара и Атина.
Присуството на турскиот истражувачки брод „Оруч реис“ во спорната област ги доведе Турција и Грција на работ на војна и предизвика повеќемесечни тензии во односите со ЕУ, која овој месец ги продолжи санкциите за Анкара за уште една година и планира да ги заостри. Лидерите на ЕУ ќе разговараат за нови санкции против Турција во почетокот на декември.

– Чекаме ЕУ да ги исполни своите ветувања, да не дискриминира или барем да не стане алатка за создавање непријателство кон нашата земја – рече Ердоган на конгресот на неговата партија.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, обраќајќи се на отворањето на 66-та Годишна сесија на парламентарното собрание на НАТО, подвлече дека очекува Анкара да покаже дух на реципроцитет и повтори дека „ако нивните повици останат неодговорени, тогаш ќе биде неизбежно Европската Унија да преземе мерки за зачувување на нејзините стратегиски интереси и интересите на државите“.

– Како што реков многупати оваа година, Грција и Турција треба да разговараат и, ако не се согласиме, тогаш треба да ги решиме споровите со жалба до Меѓународниот суд и да оставиме да владее правото – рече Мицотакис.