Спасувачките екипи ги пребаруваат урнатините под зградите во западна Турција, губејќи надеж дека ќе најдат преживеани по разорниот земјотрес кој ја погоди земјата во петокот. Според официјалните податоци, досега починале повеќе од 70 лица. Потрагата по преживеани продолжува со рефлектори и багери кои ги расчистуваат урнатините. Спасувачките екипи пребаруваат меѓу купиштата бетон и греди во Бајракли во близина на Измир, додека членови на семејствата очекуваат некаква вест за нивните најмили.

Откако од урнатините беа извлечени телата на тројца членови на едно семејство, вклучително и мало дете, млад спасувач не можеше да ги запре солзите, се вели во снимките објавени во медиумите.

„Ситуацијата е лоша“, изјави за Франс прес Етем, жител кој чека вести за своите две деца. „Се надеваме на чудо“, рече тој.

Турската владина агенција за катастрофи (АФАД) објави најмалку 69 смртни случаи и 940 повредени во Турција во земјотресот, во кој загинаа и двајца млади луѓе во Грција.

Земјотресот, проценет од Американскиот геофизички институт на 7 степени според Рихтеровата скала и од турските власти на 6,6 степени, се случи во петокот попладне во Егејското Море југозападно од Измир, третиот по големина град во Турција и во близина на грчкиот остров Самос.

Неговата сила беше толку голема што се чувствуваше до Истанбул и Атина, а исто така доживеа цунами што ги преплави улиците на Сеферихисар, турски град во близина на епицентарот и крајбрежјето на грчкиот остров Самос.

Во Самос, каде загинаа две лица, ситуацијата е „исклучително тешка“, соопштија властите. Предизвикана е и голема материјална штета.