Неколку шумски пожари избувнаа во Анталија, популарна туристичка дестинација во Турција, додека ветровите го насочуваат огнот во правец на населените места, изјави локален официјален претставник за турски Си-ен-ен.

Според Мустафа Јигит, службеник од градот Манавгат, три градски области биле евакуирани.

На снимките од пожарите се гледаат темни облаци чад и пламени јазици високи неколку метри. Туристите не се меѓу оние кои се загрозени во моментов, рече Јигит.

Службите за итни случаи се борат со пожарот од воздух. Кабинетот на гувернерот соопшти дека два „канадера“ и 15 хеликоптери се вклучени во гаснењето на пожарот.

Според локален официјален претставник, било побарано засилување од околните провинции.

Засега нема извештаи за повредени или смртни случаи. Причината за пожарот сè уште не е позната.