Турската и грчката полиција за борба против трговија со дрога, на грчкото пристаниште Пиреја спроведоа операција во која во контејнер открија многу голема количина дрога во таблети, јави агенцијата Анадолија.

Според информациите на агенцијата, турската полиција, која деноноќно работела со цел апсење на трговците со дрога, добила информација дека на грчкото пристаниште Пиреја пристигнал контејнер од Сирија со многу голема количина дрога во таблети.

По добиената разузнавачка информација, во Грција е упатена специјална екипа и информацијата е споделена со грчката полиција.

Турската и грчката полиција спроведоа заедничка операција, пребарувајќи ги контејнерите пристигнати на пристаништето Пиреја.

При пребарувањето на контејнерите, во калапи излиени од олово пронајдена е многу голема количина дрога во таблети. Анадолија јави дека во тек е операција за апсење на лицата кои го организирале шверцот.