Кинеските туристи од градот Вухан кои пристигнале во Хрватска, планираат да ја посетат Босна и Херцеговина, пренесува „Индекс.хр“.

Според информациите на порталот, откако вчера влегле во Хрватска, туристите се упатиле кон Плитвичките езера, а денеска треба да ја посетат Далмација, по што ќе се упатат кон БиХ.

„Индекс.хр“ претходно објави дека вчера пристигнал автобус со кинески туристи од градот Вухан, епицентарот на епидемијата на коронавирусот.

Според порталот, туристите пристигнале со авион во Милано, а од таму дошле во Хрватска со автобус.

Тие поминале здравствен преглед на аеродромот во Милано и никој немал симптоми на болеста.

Застанале на граничниот премин Бреган, каде им било укажано што да прават ако забележат симптоми.

Според Индекс.хр, на возачот на автобусот му е даден број на епидемиолози на којшто треба да пријави доколку забележи дека некој од патниците има симптоми на вирус.

Настанот го потврдија и од хрватскиот институт за јавно здравје, од каде претходно издадоа упатства за патниците кои одат во Кина и за повратниците или туристите од Кина.