Хрватска и Грција, кои се водечки туристички земји од балканскиот регион, сѐ повеќе се насочуваат кон заживување и спасување на претстојната туристичка сезона, по поминувањето на најкритичниот период од ширењето на епидемијата на коронавирусот. Иако борбата за справување со епидемијата не е целосно завршена, туристичките власти во двете земји прават планови за привлекување на гостите во летниот период. Според одредени најави, нивната туристичка стратегија за периодот по корона-кризата, се состои од анимирање на потенцијалните гости од соседните земји и кон промоција на нов вид туризам за одредена категорија туристички потрошувачи, кои ќе можат да ги платат и зголемените трошоци поради воведувањето на рестриктивните мерки, кои се однесуваат на работењето на угостителскиот и сообраќајниот сектор. Отворањето на балканскиот туристички пазар во секој случај ќе зависи од тоа дали ќе се намалува и бројот на новозаболените лица, а некои од туристичките аналитичари се надеваат и на побрзо отворање на луѓето за патување, по неколкунеделната принудна изолација.

Министерот за туризам на Хрватска Гари Капели, за Нова ТВ изјави дека Владата во соработка со туристичките организации изработила програма за привлекување на странските гости. Но, секако, нејзината реализација зависи од глобалната епидемиолошка состојба, која е непредвидлива и може да ја смени сликата за 24 часа.
– Следната недела треба да биде дадено зелено светло, а ние сме подготвени да почнеме со маркетингот и рекламирањето на Хрватска, конкретно во соседните Словенија и Австрија. Засега сме препознатливи надвор дека нашиот кризен штаб добро ја контролира состојбата со спречување на ширењето на вирусот, што покажува дека сме сигурна земја – вели Капели.
Како една од опциите за подобра заштита на туристите е поставување плексиглас меѓу масите во рестораните. Но Капели порачува дека по епидемијата ништо нема да биде исто, па ни во туризмот, за што ќе биде неопходно и носење заштитни маски за гостите и персоналот во хотелските и угостителските објекти. Веќе се издадени некои препораки и предлози за тоа како да се однесуваат хотелиерите и колку угостителските објекти можат да примаат гости.

– Одиме чекор по чекор. Прво да ги отвориме објектите, а можеме да почнеме со 30 отсто од строгите мерки. Туризмот повеќе нема да биде како порано, како и нашиот живот. За жал, може помалку да се дружиме и мораме да се навикнуваме на тоа и во таа насока да ги насочуваме и маркетиншките акции – вели Капели.
Грција, исто така, се подготвува за отворањето на туристичката сезона во мај, а како главен туристички потенцијал за овој период од годината се гостите од Србија, кои минатите години во голем број ги полнеа плажите на Халкидики.
Инфектологот и професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Атина, Никос Сипсас, истакнува дека ќе може да се летува во Грција, но под строги правила. Но годинава Грција, како што вели тој, треба да се подготвува за привлекување на гостите, но не во т.н. масовен туризам. Попуштање на мерките во оваа земја се очекува од 27 април, но ќе се однесуваат за мај, доколку продолжи трендот на намалување на бројот на заразени лица од коронавирусот.

– Ќе биде тоа селектиран туризам и тоа со намален број гости од претходните години – вели Сипсас, а пренесува „Курир“. Претходно медиумите објавија дека 65 отсто од хотелите во Грција се соочуваат со банкротство поради пандемијата на заразниот вирус. Многу од хотелите на грчкото приморје се пред затворање поради новите мерки што ги донесе грчката влада. Загубите за грчкиот туризам се проценуваат на 4,46 милијарди евра. Отворањето на хотелите ќе се одвива постепено, но неизвесно е од кога ќе почне со тоа затоа што нема гости, предупреди Александро Василикос, претседател на грчката туристичка комора. Поради намалување на сместувачкиот простор, ќе има повисоки цени за туристичките аранжмани. Поради рестриктивните мерки и цените на авиобилетите ќе бидат повисоки, доколку авиокомпаниите во летната сезона сообраќаат со полупразни авиони.

Поради непредвидливоста на вонредните состојби како што е пандемијата, не е можно да се даваат процени за однесувањето на туристите во наредниот период. Од Американската стопанска комора на Црна Гора посочуваат и на можноста од т.н. ривенџ-туризам, односно за психолошката појава кога луѓето по пандемијата сепак одлучуваат да патуваат и да купуваат кога ќе бидат создадени сите здравствени услови, а тоа го покажува и примерот со Кина. Поради тоа од Црногорското туристичко здружение посветуваат поголемо внимание првенствено на анимирање на домашниот и на регионалниот пазар за привлекување гости на црногорското приморје. Од Црногорското туристичко здружение даваат целосна поддршка за анимирање на регионалниот пазар, според претходното искуство од кампањата „Сите на море – сите на одмор“ од 2010 година. Оваа кампања би подразбирала понуда за гостите со издавање електронски ваучер за користење голем број бенефиции, како што се попусти во хотелите и во приватното сместување, во рестораните, излетничките програми и во превозот.

Од македонскиот туристички сектор со песимизам гледаат на претстојната туристичка сезона и бараат целосна поддршка од државата за одржување на овој сектор, во кој работат многу луѓе.
– Неминовни се координираност и социјален дијалог помеѓу сите засегнати страни во општеството за надминување на состојбата. Формирано е системско институционално кризно тело за координација на состојбите во туризмот од страна на државата во овој момент, кое претставува сублимат на сите проблеми, но и тежиште за наоѓање на сите решенија – изјави Пејоска Ристеска, извршна директорка на Стопанска комора за туризам на Македонија, по појавата на коронавирусот во регионот.