Посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Анкара наиде на критики во Грција, среде влошувањето на односите помеѓу двете држави, пишува „Ал џезира“

Турција го избра денот на посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас за да понуди награда од 6,1 милиони долари за апсењето на осумтемина припадници на турската армија што побараа азил во Грција. А неколку дена претходно, турскиот Совет за национална безбедност во Анкара издаде барање за нивна екстрадиција, и покрај одлуката на грчкиот Врховен суд со која се забранува екстрадицијата. Одлуката е неповратна. Но, Турција ги обвинува војниците за помагање на заговорот за воен удар во јули 2016 година, пред тие да избегаат во Грција со хеликоптер, пренесува „Ал џезира“.

Конзервативната грчка опозицијата смета дека грчкиот премиер Алексис Ципрас налетал на стапица кога отишол во Анкара.

– Посетата е слабо подготвена од грчка страна и навестува проблеми за грчките интереси и за грчко-турските односи – изјави Јоргос Кумуцакос, одговорниот за надворешна политика во грчката опозициска партија Нова демократија.

Во пресрет на посетата, Грција тврдеше дека регистрирала рекорден број на прекршувања на територијалните и воздушни прописи од страна на Турција во Егејот, што претставува причина за тензиите.

– Турција ја заостри реториката и ја потврди со одредени постапки во изминатите 18 месеци. Државите се во постојана конфронтација како резултат на таквата практика – истакна Ангелос Сиригос, експерт по меѓународно право на универзитетот Пантион во Атина.

Според поранешен грчки дипломат, Ципрас одлучил да ја „плати“ политичката цена од евентуалниот претрпен срам при посетата на Анкара, со цел да воспостави комуникација со Ердоган, наспроти влошените односи.

Посетата на Ердоган на Атина во 2017 година останува клучен момент за грчко-турските релации. Означена како пресвртница, првата посета на турски претседател на Грција по 65 години, приреди одредени непријатни изненадувања.

Покрај барањето екстрадиција на турските војници, Ердоган бараше и ревизија на Лозанскиот договор од 1923 година, што грчката влада нема намера да го стори. Договорот ја обликуваше турската држава и ги нормализира грчко-турските односи по еден век војување. Повикот за повторно разгледување на спогодбата ја навести турската желба за поширока ревизија на грчко-турскиот статус кво. 

Грција и Турција се во спор и поради територијалните води, континенталниот гребен и експлоатирањето на подводните минерални ресурси.