Во сообраќајна несреќа што утрово се случи на автопатот Егнатиа, неколку километри пред градот Александруполи во Грција, животот го загубија три лица, а седум се повредени, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за нелегални мигранти, а возачот кој веројатно бил и криумчар, побегнал од местото на настанот.

До несреќата дошло кога комбето, со италијански регистарски таблички, во кое се превезувале мигрантите излетало од патот. Двајца од загинатите починале на лице место, додека, пак, третата жртва, една жена им подлегнала на повредите за време на операција во болница.

Меѓу седумтемина повредени се и две деца, но се вон животна опасност, додека, пак, едно лице е во сериозна состојба.

Грчката полиција работи на пронаоѓање на возачот и откривање на причините за несреќата.

Ова е втора сообраќајна несреќа за помалку од еден месец со нелегални мигранти и жртви на истиот автопат. На почетокот на јуни во близина на грчкиот град Кавала животот го загубија шест лица од кои три деца, а 10 беа повредени.