Фото: Маја Јаневска-Илиева

Седмица на исклучително високи температури и портокалова метеофаза

Најавениот топлотен бран што од утре треба да ги зафати Балканот и земјава и ќе трае до крајот на следната недела, ќе донесе високи температури до 40 степени Целзиусови, а синоптичарите информираат дека регионот ќе навлезе во жолта и портокалова метеофаза

Топлотен бран до крајот на неделава ќе го зафати Балканот. Со високи температури, кои ќе бележат тенденција на раст во повеќе места и градови и над 35 степени, ќе биде зафатен поголемиот дел од државите на Балканскиот Полуостров. Меѓу најкритичните земји во кои температурите ќе се искачат и над 40 степени и ќе се прогласи портокалов метоаларм се Црна Гора, Хрватска и Србија, каде што, според пишувањата на регионалните медиуми, во текот на целата седмица тропските горештини во некои предели ќе предизвикаат температури и до 42 степени. Ова, меѓу другото, го наведува српска „Политика“, пишувајќи дека топлото време ќе почне од утре (вторник) и ќе трае до завршетокот на седмицата, односно до недела. Како што пренесува српскиот медиум, најжешко се очекува да биде во приморските делови на Црна Гора, но и во централниот дел на Србија и на Белград, каде што тамошните метеослужби предвидуваат во некои региони да прогласат и црвен метеоаларм.

Од друга страна, пак, во Грција летните горештини пристигнаа многу порано од претходните години и температурата во некои места за викендот се движеше околу 40 степени Целзиусови.

„Катимерини“ пишува дека голем број од населението во изминатите денови спасот од жештината го побара на плажите во Грција. Според грчките метеоролози, во Атина викендов температурата достигнала до 37 степени, некарактеристично висока за овој дел од годината.

Во меѓувреме топлотниот бран нема да ја одмине ниту Турција. Првите туристи што пристигнаа во Измир и во Бодрум викендов уживаа на температура од 35 степени. Топлото време не го поштеди ниту Истанбул, каде што според пишувањата на медиумите, вчера биле измерени 34 степени.

Пол Гундерсен, главен метеоролог на британскиот метеоролошки завод, изјави дека ситуацијата е многу слична како и онаа за време на минатогодишниот јунски бран, кога топол воздух што се движеше кон север на Европа од пустината Сахара го зафати целиот континент.
– Покрај високите температури во текот на денот, и температурите во текот на ноќта ќе бидат значително високи и би можеле да ги надминат рекордите – изјави Гундерсен.
Во исто време, пустинските горештини ќе ја погодат и Бугарија, но и Романија. Според извештаите на локалните медиуми, властите веќе преземаат мерки за претпазливост, бидејќи многу граѓани се соочуваат со проблеми. Во земјите веќе два дена температурите се движат до 34 степени, а најтешко се погодени североисточните делови на земјата.

Според најавите на метеоролозите, температурите на Балканот ќе се намалат кон средината на седмицата, но и натаму ќе бидат високи за овој период од годината, на околу 30 степени.
– Во следните денови е потребно да се консумира големо количество течност, да се внесува помало количество храна, која не содржи многу маснотии и шеќер, а да се избегнуваат алкохолни пијалаци и пијалаци што содржат кофеин, како и екстремно студени пијалаци. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа, како и да се престојува во затворени климатизирани простории. При престој на отворен простор треба да се прават почести одмори под сенка, како и да се избегнува престој во целосно затворени возила и директен престој на сонце – посочуваат докторите за српската телевизија Нова. Според нив, особено се посочува хронично болните, како тие со срцеви, невролошки и белодробни болести, да бидат дисциплинирани во однос на овие препораки и редовно да ја земаат својата редовна терапија.