Претседателството на Босна и Херцеговина во наредните осум дена би требало да го именува новиот мандатар за состав на Советот на министери на БиХ. Веќе е познато дека за претседател на министерскиот совет ќе биде предложен Зоран Тегелтија, висок функционер на СНСД и поранешен министер за финансии во Владата на Република Српска. Со ова именување, на чело на извршната власт ќе биде припадник на српскиот народ, додека на чело на законодавната власт ќе биде претставник од хрватскиот народ.

Со ова, практично, се заокружува процедурата на формирање на новата власт во БиХ, по последните општи избори во земјата, наспроти спротивставените интереси на членовите на тројното претседателство, во кое се избрани Милорад Додик, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ. Несогласувањата околу приоритетите на работата на ова тело се манифестираат и преку различни погледи на иконографијата во работните простории, пред сѐ на хрватскиот и српскиот член на претседателството Жељко Комшиќ и Милорад Додик.

Медиумите во БиХ ја објавија информацијата дека Комшиќ во својот кабинет во зградата на државниот врв во Сараево го вратил портретот на Јосип Броз-Тито, кој го имаше поставено во претходните два мандата. Овој портрет беше симнат од неговиот претходник Драган Човиќ, кој беше исто така претставник на хрватскиот народ, но на последните избори не ја доби довербата на граѓаните.

За ова се дозна кога агенцијата Хина објави фотографија од протоколарната средба на Комшиќ и амбасадорот на Франција во БиХ, Гијом Русон. Жељко Комшиќ никогаш не криел дека има добро мислење за Тито и неговото значење за постоењето на Босна и Херцеговина. На истата фотографија се гледа и знамето на Европската Унија, но во неговиот кабинет го нема знамето со стилизираниот хрватски грб, кој беше службен симбол на Херцег-Босна, а сега тоа се нарекува знаме на хрватскиот народ во БиХ. Ова знаме беше посветено за време на мандатот на Човиќ.

По изборот на Милорад Додик за член на претседателството на БиХ, веднаш го постави знамето на Република Српска во официјалните простории на оваа институција до знамето на Федерацијата на БиХ. По реакција на јавноста, службите го отстранија знамето на РС, што беше причина Додик да ја напушти седницата на тричленото тело.
Додик својата постапка ја објасни со ставот дека оваа државна институција може да има полн капацитет под услов на сите состаноци, на кои ќе присуствува, да биде истакнато знамето на РС.

– Не отидов таму да примам плата и да бидам икебана. Оваа практика на правење икебани од српските членови ќе биде прекината. Не го спорам знамето на БиХ, но знамето на РС мора да биде таму каде што сум јас – изјави Додик пред новинарите во Бања Лука.

Тој се повика на уставните решенија, според кои е пропишано симболот на БиХ да го утврдува парламентот, а да го потврдува претседателството на БиХ, што не било почитувано и во случајот со знамето на БиХ.

– Знамето на БиХ е наметнато од висок претставник и за тоа немаше договор. Подоцна, на ниво на парламент, беше донесен закон што го спроведе наметнатото решение – изјави Милорад Додик.