На пребројани 98,92 проценти од гласовите на парламентарните избори во Бугарија, Има таков народ, предводена од телевизискиот шоумен Слави Трифoнов, е во тесно водство пред партијата ГЕРБ на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, покажуваат резултатите на ЦИК.

Партијата на Трифoнов има 23,91 отсто од гласовите, додека ГЕРБ на Борисов – 23,69 отсто. Тоа значи дека разликата меѓу нив е само 5.908 гласа.

Трета е Бугарската социјалистичка партија (БСП) со 13,51 отсто, а четврта е Демократска Бугарија со 12,56 проценти од гласовите.

Претходно денеска, Слави Трифонов во видеообраќање најави дека ќе формира експертска влада, без да фигурира во неа и без да коалира со ниту една партија. За премиер го предложи економистот Николај Василев.