Бугарија е на пат за одржување на третите парламентарни избори уште од април, откако партијата на шоуменот Слави Трифонов, „Има таков народ“ не успеа да придобие доволна поддршка за формирање на владина коалиција, наспроти тоа што собра најмногу гласови на 11 јули, пишува „Политико“. Партијата на Трифонов имаше поддршка од 24,1 отсто, пред ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов чиј изборен резултат гласеше 23,5 отсто.

Парламентарното гласање за одобрувањето на новиот бугарски парламент беше очекувано за денес, но политичкиот ќорсокак веројатно ќе продолжи барем до есен, според предвидувањата. Трифонов преку Фејсбук соопшти дека нема да предложи нов владин кабинет, додавајќи оти тоа значи дека Бугарија оди кон нови избори. Борисов, исто така не успеа да стекне доволна поддршка за формирање на нова влада, откако ГЕРБ беше веднаш зад „Има таков народ“ на последното гласање.

Со неможноста на Трифонов и на Борисов да формираат влада, претседателот Румен Радев има законска можност да повика трета партија која би се обидела да оформи владејачка коалиција. Ако пропадне и овој обид, тогаш веројатно е одржувањето на нови избори. Бугарија моментно има привремена влада назначена од Радев.