Во новите законски измени во Србија е наведено дека бројот на вработените лица на лизинг во една фирма треба да биде ограничен на десет отсто, сепак, во одредени околности тој може да достигне и до 30 отсто

Едно претпријатие во Србија со посредство на агенциите ќе може да вработува до 30 отсто од работниците, што значи дека дел од месечната заработувачка наместо кај вработените да завршува на сметка на посредниците. Ова е дел од новите одредби во Законот за вработување на лизинг, со кои не се согласуваат синдикатите, затоа што сметаат дека на овој начин ќе се зголеми бројот на работници, кои се ангажираат за повремени и привремени работи. Тоа, во крајна линија, ќе претставува институционализирање на експлоатација на работниците, сметаат синдикалните организации.

Душко Вуковиќ, потпретседателот на Советот на Сојузот на самостојни синдикати на Србија, за „Новости“, изјави дека нацрт-законот не ги задоволува основните ставови на синдикатот, кои беа искажани на состаноците на работната група.

– Суштината е дека на овој начин ќе се легализира и рашири вработувањето на работници преку одредени институции и тоа само за привремено работно ангажирање.

Ваквиот статус, со поддршка на законот, може да се одржува во недоглед. Иако во текстот на законот е наведено дека бројот на вработените лица на лизинг во една фирма ќе биде ограничен на десет отсто, во одредени околности може да достигне и до 30 отсто, со одобрување на Министерството за труд. Ваквата одредба е недозволива – смета Вуковиќ.

Никаде во законот не се наведува кои се тие „одредени околности“, дополнува тој. Посебна точка на разидување е давањето финансиска гаранција, која мора да ја приложи фирмата што сака да се занимава со посредување во вработувањето. Во словенечкиот случај таа гаранција изнесува 50.000 евра, а иницијаторите на новиот закон одбиваат да го регулираат и ова прашање.

– Баравме оваа гаранција во Србија да изнесува шест милиони динари, што не беше прифатено. Ставот на државата е дека на овој начин се дискриминираат оние што немаат доволно средства. Сметаме дека гаранцијата мора да постои затоа што платите за ангажираните лица се исплаќаат преку агенциите – вели Вуковиќ.

За Ранка Савиќ, претседателка на Асоцијацијата на слободни и независни синдикати на Србија, неприфатливо е да постои можноста за ангажирање третина од вработените лица во една компанија на лизинг во согласност со министерството. Европскиот стандард е максимално 20 отсто од бројот на работниците во една фирма.

– Ние реагираме на тоа што новите прописи не ја регулираат работата на младинските и студентските задруги, кои исто така служат за посредување при вработувањето. Сега сите агенции што не ги исполнуваат законските услови ќе се пререгистрираат, со што ќе се заобиколи донесувањето на новиот закон – вели Савиќ.

Досегашната практика во Србија, покажува дека големите компании што вработуваат работници со посредство на агенциите полесно ги отпуштаат работниците, а нивното ангажирање ги чини поевтино.