Агенциите за вработување во земјите од регионот не се доволно активни во помошта на младите за пронаоѓање работа, а младите се принудени да се потпираат на семејните и политичките врски, се наведува во спроведеното истражување за Западен Балкан

Стапката на младите од Западен Балкан што не работат и не се школуваат изнесува 35 отсто и е двапати повисока од просекот на државите членки на Европската Унија. Причините за високата стапка на невработеност се должат на неадекватните политики за вработување и сиромашната понуда за работа за младите, кои главно се од привремен карактер, покажува истражувањето што е направено од Советот за регионална соработка за 2021 година. Просечната стапка на невработеност на младите на возраст од 15 до 24 години во ЕУ е 16,9 отсто, што е значително пониско од Западен Балкан, а најлоша е состојбата во Косово, каде што 49,1 отсто се невработени и не посетуваат некаков вид образование, објави Радио Слободна Европа.
Сарита Брадаш, истражителка во фондацијата „Центар за демократија“ од Белград, смета дека една од причините за високата невработеност на младите во регионот е понеповолната понуда за работа во споредба со Европската Унија.
– Во ЕУ постои гаранција за младите што ги обврзува службите да вработуваат млади лица на четири месеци, кога ќе го завршат школувањето или кога ќе се пријават на евиденција за вработување. На младите во ЕУ што немаат доволно квалификации им се овозможува продолжување на образованието – вели Брадаш за РСЕ.

Програмите за стручна практика во Србија не ги даваат очекуваните ефекти и на младите им се нудат работи со пониски приходи од пропишаната минимална заработувачка, која изнесува околу 255 евра. Младите во Србија немаат соодветно социјално осигурување. Во 2019 година повеќе од половината лица од оваа категорија невработени биле вклучени во програмата за стручна практика, но на крајот од завршувањето на шестмесечниот „пробен“ период било вработено секое петто лице.
Агенциите за вработување во земјите од Западен Балкан не се доволно активни во помошта на младите за пронаоѓање работа, а младите се принудени да се потпираат на семејните и политичките врски, се наведува во спроведеното истражување. Според податоците на Советот за регионална соработка, во земјите од регионот патот од дипломата до првото вработување трае од една до две и повеќе години. Само во Албанија 42 отсто од младите можат да најдат работа по дипломирањето за помалку од една година.
Во времето на пандемијата, младите повеќе беа изложени на откази, поради тоа што беа ангажирани на несигурни облици на работа, над половината од младите работници биле ангажирани на договори со ограничен или привремен карактер. Во Косово и Црна Гора овој број изнесува околу 78,9 отсто, односно 75,2 отсто. Во истражувањето особено се истакнува проблемот со непријавена работна сила или работа на црно за младите. Тие немаат здравствено и пензиско осигурување, но и сигурност дека ќе бидат платени според договорениот износ на плата.
Во истражувањето се посочува дека програмите за охрабрување на младите да почнат своја работа, кои се преземени во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Србија, не се соодветни. Младите се соочуваат со административни и бирократски пречки и немаат дозволен пристап до капиталот, а сето тоа е проследено и со нивното почетно неискуство за водење сопствен бизнис.

– Ова предизвикува и психички проблеми, а кај младите создава чувство на несигурност и неизвесност и во натамошните нивни одлуки за самостоен живот. Над 60 отсто од младите во Србија на возраст од 25 до 34 години живеат со родителите – вели Сарита Брадаш.
Стапката на активност кај младите на пазарот на труд на Западен Балкан е 30,1 отсто и е пониска од просекот во земјите-членки на Европската Унија, каде што изнесува 37,8 отсто, се наведува во истражувањето на Советот за регионална соработка. Во 2020 година вработеноста на младите во сите шест земји од Западен Балкан изнесуваше 14,5 отсто. При ова има длабок родов јаз, затоа што стапката на вработеност на младите жени изнесува 14,5 отсто, а на мажите 24,8 отсто, објави Радио Слободна Европа.