Српската вицепремиерка и министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура Зорана Михајловиќ порача денеска дека Транспортната заедница на Западен Балкан, чие седиште е во Белград, ќе допринесе кон подобро регионално поврзување и реализација на инфраструктурни проекти.

На конференцијата „Градиме заедно-Србија, Италија и Црна Гора“ таа нагласи дека  функцијата на Транспортната заедница на Западен Балкан, е да ги поврзе земјите во регионот, бидејќи имаат различни закони и ниво на развој во таа област, а се со цел побрз развој.

– Заедницата почна со работата со првиот министерски совет во Брисел, потоа со одржувањето на Управниот одбор во февруари во Белград, а наскоро ќе се избере и директотр и членови на Секретаријатот-најави Михајловиќ.

Таа истакна дека во рамките на Транспортната заедница ќе се разгледуваат планови за поврзување и начините на нивното финасирање.

– Ќе имаме и извештај и планови заедно со ЕУ за периодот од три до пет години, со цел да видиме како и каде ЕУ може да ни помогне. Не може да ги развивате и да ги градите патиштата во сопствената земја, доколку не сте поврзани со другите земји, додаде Михајловиќ.

Таа посочи дека еден од значајните проекти за Србија се изградбата на авто-патот „Мир“ од Ниш-Мердаре-Приштина и првата делница од тој авто-пат од Ниш до Плочник со должина од 39 км. кој ќе почне со изградба наредната година. Како значајни Михајловиќ ги посочи и проектите за изградба на авто-патот Белград-Сараево, реконструкција на пругата Белград-Ниш и други проекти.