Траектот со 250 патници и 92 члена на екипажот кој 41 час беше заглавен на отворено море поради дефект на моторите попладнево, со помош на пет реморкери, пристигна во пристаништето во Сплит.

Сите патници и членови на екипажот се добро. Патниците изјавиле дека во ниту еден момент не се чувствувале загрозено, имале храна и вода и ништо не им недостасувало. На бродот постојано имало и електрична енергија. Најлошо од сè за патниците бил продолжениот престој на отворено море, 41 час, во лоши временски услови.

Италијанскиот траект „Аурелија“, кој редовно плови од Анкона до Сплит и обратно под знамето на Кипар, во средата околу 20 и 30 часот испловил од пристаништето во Анкона, а во Сплит требало да стигне вчера наутро во 7 часот. Во близина на островите Корнати во Хрватска на бродот му откажале моторите.