Актуелната владејачка гарнитура во Тирана се залага за здружување на сите гласови од албанските граѓани во Црна Гора на следните парламентарни избори. На претставниците на албанските партии од ЦГ им се препорачува на изборите да излезат во една колона, а тоа значи да предложат заедничка кандидатска листа за пратеници. За оваа опција лично се заложил и Гент Цакај, министер за надворешни работи на Албанија, на состанокот во Тирана, кој се одржал во понеделникот, објави „Вијести“.

– Некои од партиите ја прифатиле можноста за формирање една листа – потврди еден од учесниците на состанокот во Тирана, кој појасни дека се разговарало за приближување на ставовите на политичките партии, но дека не бил постигнат конкретен договор.

Министерот Цакај на социјалните мрежи објави дека на состанокот „детално се разговарало за видовите на конкретната соработка во интерес на јакнење на албанскиот фактор“.

– Само во текот на годинава донесовме одлука за укинување работни дозволи за црногорските Албанци во Албанија, за финансирање на Националниот совет на Албанците во ЦГ и одлука за отворање на Генералниот конзулат во Улцињ. Овие мерки се во согласност со општата стратегија за јакнење на односите меѓу албанската држава и албанскиот политички фактор во ЦГ. Но овие мерки се недоволни во однос на вистинските потреби на тамошните Албанци – напиша Цакај.