Албанија и Грција соопштија дека се договориле решавањето на својот спор за границата во Јонско Море да му го препуштат на Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Заедничката одлука беше објавена за време на посетата на грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас на Тирана.
– Се согласивме да му го проследиме овој случај на Меѓународниот суд – кажа Дендијас по состанокот со албанскиот премиер Еди Рама. Рама кажа дека препуштањето на спорот на судот во Хаг значи дека ќе се поврзат стручноста на тој суд и одредбата на меѓународното право на морето. Во ек на високи тензии со Турција за правото за барање енергенти во источниот дел на Средоземно Море, Грција неодамна го интензивира одредувањето на своите поморски граници и со другите соседни земји и потпиша договори со Италија и со Египет. Тирана и Атина потпишаа договор за дефинирање на поморската граница и го парафираа во 2009 година, кога во Албанија на власт беше Демократската партија, сега во опозиција.