Претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ за многумина би била идеална лидерка на ХДЗ

Радикалната десница нема да се откаже од намерата за нов лидер, но засега изгледа дека состојбата во ХДЗ е во пат-позиција

Во Хрватска моментално единствена вистинска опозиција е десната, а куриозитетот е во тоа што таа се обликува и функционира во владејачката партија Хрватска демократска заедница, предводена од премиерот Андреј Пленковиќ.
Иако во ХДЗ сакаат себеси да се дефинираат како народна и конзервативна партија, сите ја гледаат како десноориентирана партија. Тројца од досегашните пет претседатели на ХДЗ настојуваа да ја трансформираат од националистичко движење во европска конзервативна партија. Иво Санадер се повлече поради корупциски скандали, а неговата наследничка Јадранка Косор не го преживеа товарот што го остави Санадер. Третиот и актуелен претседател Андреј Пленковиќ се препознава како надворешно тело во ткивото на ХДЗ. Сето она што се случува сега во партијата и во сателитските вмрежени здруженија и групи е притисок за да се направи смена на Пленковиќ.

Никој не оспорува дека најновата акција, односно протестот на бранителите во Вуковар, најавен за 13 октомври, поради неефикасноста на државата во санкционирањето на воените злосторства, е насочен кон премиерот и лидер на партијата. Второто барање на вуковарскиот градоначалник Иван Пенава, кое се однесува на раскинување на коалицијата со Самостојната демократска српска партија на Милорад Пуповац, всушност покажува за што се работи, пишува во анализата на Радио Слободна Европа, Пленковиќ досега преживеа повеќе странични удари од десно. Речиси безболно расчисти со Златко Хасанбеговиќ, кој се противеше на коалицијата со ХНС. Во време на отпорот за донесување на Истанбулската декларација беа сменети Давор Иво Стиер и Миро Ковач, од високи партиски функции. Следен „напад“ во низа беше автобускиот десант на членови на ХДЗ од Лика, во организација на ветеранот Дарко Милиновиќ, кој беше експресно исклучен од партијата. По неколкуте смени на пониско ниво во партијата, премиерот Пленковиќ цврсто остана во седлото. Протестот во Вуковар се смета за потенцијално најопасен, затоа што се мобилизира поголема маса во чувствително место и на чувствителна тема. Противниците на Пленковиќ по сѐ изгледа процениле дека дворските пучеви не се доволни, па треба да се премине на проверениот метод на дејствување во ХДЗ, со употреба на воените ветерани.

Овој рецепт за дестабилизирање на леволибералната влада, на која ХДЗ повеќепати се потпираше, почна да се враќа како бумеранг за партијата. Протестот во Вуковар претставува елементарна непогода за владата на Пленковиќ, за чие гаснење на пожарот се ангажирани три министерства. Министерот за одбрана најавува враќање на хрватската војска во Вуковар, кој „претставува гравитациско седиште на хрватската држава“. Министерот за полиција најави казнени пријави за два случаја во Овчари.
Досега Пленковиќ за амортизирање на нападите на себе ги користеше познатите средства од арсеналот на реалполитиката: некои противници ги отстрануваше, а на некои им угодуваше во нивните барања. На ветеранските здруженија им се исполнуваа сите барања и се толерираше нивното неподносливо арбитрирање во врска со прашањата за образование, филмот, театарот, забавната музика, фолклорот. Плочата со усташкиот натпис „За дом спремни“ беше преместена за десет километри од логорот „Јасеновац“, но не беше и отстранета.

Андреј Пленковиќ силно се труди да покаже дека нападите од десно немаат никаква разумна причина, но не гледа дека причината е тој самиот. Десницата не го прифаќа и тука нема компромис. Радикалната десница нема да се откаже од намерата, според која засега изгледа дека состојбата во ХДЗ е во пат-позиција, е заклучокот во анализата на РСЕ.

Тоа што би придонело за нова динамика е раѓањето на новиот лидер на десницата. Приврзаниците на десницата ја подразбираат партијата како авторитарна организација, која подразбира постоење на хиерархија и беспоговорна послушност. Сегашните протагонисти се неуверливи и нехаризматични, сметаат од членството на ХДЗ.

Некои сметаат дека хрватската десница има лидер, а тоа е претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ. Но проблемот е што таа сѐ уште не се гледа на таа позиција, затоа што себеси се доживува како државничка со општонароден легитимитет. Политиката што ја заговара и ставовите што ги застапува се типични за денешниот популистичко-десничарски дискурс, додека претседателката не мисли дека тоа е десничарско дејствување. Хрватскиот национален интерес, хрватското единство и заедништво, кои се најчести нејзини изрази, искажани во нејзин манир, претставуваат апстрактни категории на бесконфликтно општество, што во реалноста не егзистира. Плурализмот и сложеноста на општеството премногу не ја оптоваруваат, а користењето на општите политиколошки категории не ѝ е силна страна.

Сегашната уставна поставеност како шеф на држава ѝ попречува на Колинда Грабар-Китаровиќ во преземањето оперативна политичка задача. Тоа би значело и напуштање на претседателските надлежности и откажување од втор претседателски мандат, за да се одлучи за преземање на лидерската позиција во ХДЗ, каде што со леснотија ќе го победи Андреј Пленковиќ.

Тоа е засега сметка без крчмар. Претседателката не ги открива своите планови, а ни Пленковиќ не се предава. Во секој случај, конкурсот за лидер на десницата во Хрватска е отворен.