Босна и Херцеговина

Состојбата во прифатниот центар за мигранти „Мирал“ во Велика Кладуша и натаму е напната иако нема поголеми инциденти, откако помала група од Пакистан го зазеде мигрантскиот центар и постави стражари околу кампот и го спречи влезот за мигранти со потекло од Алжир и од Мароко.

– Тензијата и натаму трае, а состојбата меѓу ривалските групи може да ескалира во секој момент. Полицијата е на терен и следи што се случува – изјави Але Шиљдедиќ, портпарол на Министерството за внатрешни работи на Унско-санскиот кантон.

По завчерашните инциденти во и околу прифатниот центар за мигранти „Мирал“ во Велика Кладуша, немирите продолжија и во текот на ноќта и рано наутро. Причина за ваквото нивно однесување, според изјавата на еден од мигрантите од центарот, е намерата да го спречат влегувањето на оние што консумираат алкохол и се занимаваат со криминални дејства. Некои од мигрантите тргнаа во потера низ градот, во потрага по одметнатите мигранти, кои ги приведоа и бараат да ја напуштат Велика Кладуша и да се упатат кон Бихаќ.

Полициските службеници што се на паркингот на споменатиот град, поради несоодветниот број вработени, само го набљудуваат развојот на настаните, со надеж дека нема да дојде до конфликт меѓу мигрантите и локалното население, кое стравува за сопствената безбедност.