КОСОВО

Кампањата за предвремените избори на Косово, кои ќе се одржат во февруари, почна со провокации меѓу албанските партии. За време на партискиот собир на Самоопределување во јужниот дел на Косовска Митровица, едно лице во саботата физички го нападнало и навредило лидерот на тоа движење, Албин Курти. Реагирал и градоначалникот на Јужна Митровица, Агим Бахтири, кој се обидел физички да се пресмета со граѓанинот, користејќи пцости.
Еден од присутните на партискиот собир во Митровица жестоко го навредил водачот на Самоопределување и се обидел физички да се пресмета со него, што било спречено од обезбедувањето, наведува приштински „Клан Косова“.
Заминувањето на Вјоса Османи и Албин Курти на северот на Косово предизвика голем број проблеми и несогласувања. Претходно, претставниците на Демократската партија на Косово реагираа со изјава во која сметаат дека лидерот на движењето Самоопределување, Албин Курти, и в.д. претседателката на Косово, Вјоса Османи, го нарушиле уставниот поредок на Косово со одење во Северна Митровица, за да соберат евтини политички поени.