Францускиот претседател Емануел Макрон предизвика огромно незадоволство откако ја етикетираше Босна и Херцеговина како „темпирана бомба“, пишува „Политико“.

Во Сараево, хрватскиот претставник во Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, во петокот го повика францускиот амбасадор да побара објаснување за забелешките на Макрон.

На сајтот „Радио Сараево“ беше објавена колумна на оваа тема под наслов „Претседателе Макрон, треба да се засрамите!“. Колумната е една од бројните реакции кои одекнаа во јавноста по изјавата на Макрон.

И во Стразбур, младите Босанци кои присуствуваат на Светскиот форум за демократија при Советот на Европа, објавија фотографија со транспаренти на кои напишаа порака до францускиот лидер: „Макрон, вие сте добредојден во Босна и Херцеговина, нашиот дом не е темпирана бомба“.

Макрон во интервју за „Економист“ објавено во четвртокот, беше оспорен за неговата главна улога во блокирање на разговорите за членство во ЕУ за Македонија и за Албанија, на неодамнешниот самит на Европскиот совет.

Како одговор, Макрон рече дека другите земји на ЕУ исто така се спротивставуваат на разговорите за проширување и се кријат зад Франција.

– Ако сте загрижени за овој регион, првото прашање не е ниту Македонија ниту Албанија, туку Босна и Херцеговина. Темпираната бомба што отчукува веднаш до Хрватска и која се соочува со проблемот со враќањето на џихадистите е Босна и Херцеговина – рече тој.

Во своето интервју, Макрон во повеќе наврати ја истакна важноста на ЕУ позитивно да влијае врз нејзините соседи. Но, неговиот став за Македонија и Албанија ги налути водачите и проевропските активисти на Западен Балкан, а неговите коментари за Босна и Херцеговина предизвикаа слични реакции.

Исто така, имаше реакции дека Макрон, иако ненамерно, повторно разгорел етнички поделби.

Истовремено, српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, го пофали и му се заблагодари на Макрон за она што го опиша како вистинито оценување. Тој истакна дека Комшиќ не е во состојба да го прекори амбасадорот.

– Не постои консензус за тоа во рамките на претседателството на Босна – рече тој.

Шефик Џаферовиќ, , босанскиот член на Претседателството, се приклучи во побивањето на Макрон.

– Од 2016 година не е забележано ниту едно заминување на боиштата во Сирија. Босна и Херцеговина презеде мерки за решавање на тој проблем. Основниот проблем на Босна и Херцеговина се силите што сакаат поделба на Босна и Макрон тоа го знае. Меѓународната заедница е исто така виновна за тоа – вели Џаферовиќ.