Студениот бран од северните делови на Европа, проследен со силни ветрови, снег, грмежи, град и дожд, го зафати балканскиот регион и предизвика проблеми во одвивањето на сообраќајот. Најсилниот удар од невремето ја погоди Хрватска. Главниот град Загреб беше зафатен од силен дожд и бура, која предизвика незначителна материјална штета. Силниот ветар корнеше дрвја и покриви на некои од објектите во градот.

Европската мрежа на метеоролошки станици во вторникот објави црвен метеоаларм на подрачјето на јужна и централна Црна Гора, каде што се очекуваа екстремни временски непогоди. За многу делови во Босна и Херцеговина е издадено црвено предупредување, поради најавата од удари на ветер до 100 км/час. На подрачјата на Сараево, Тузла и Бихаќ е издадено портокалово предупредување.
Најавеното невреме, дожд и силен ветер пристигнаа во Србија, првично во Војводина, од каде што се прошири и во преостанатите делови од земјата. За вчера беше најавено големо намалување на температурите, кои во некои места ќе достигнат разлика дури од 15 степени во однос на претходните денови.

Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) во Белград издаде предупредување дека ноќите ќе бидат многу студени и ветровити. Во централните и јужните делови на Србија имаше снежна покривка од пет до 20 сантиметри. Од силината на ветерот се превртуваа камиони на обиколницата кај Шабац. На северот од земјата, во местото Кач, ветерот откорнуваше покриви од куќи.

На Косово биле регистрирани повеќе од десет поголеми прекини во дистрибутивната мрежа за електрична енергија, поради што повеќе од 100.000 потрошувачи останаа без снабдување со струја. Најтешко погодено подрачје е Дукаѓин, кое ги опфаќа Пеќ, Призрен и Ѓаковица.

Студениот бран од северот проследен со дожд и снег се почувствува и во Македонија, каде што дебелината на снежната покривка во дебарскиот регион достигна од 10 до 20 сантиметри, а на планините е повисока. Во текот на вчерашниот ден беше укината забраната за движење на тешки товарни возила на патниот правец Битола – Ресен преку планинскиот превој Ѓавато. Забраната беше воведена на неколку патни правци поради врнежи од снег. Од „Македонија пат“ апелираат на внимателно возење и приспособување на брзината на условите на патот.


Хрватска

На Биоково орканот до 270 км/час?

Во Далмација, претходните денови владееше натпросечно топло време, но завчера беа забележани најсилни ветрови. Во Макарска орканските удари достигнаа 169 км/час. На аеродромот во Дубровник се измерени 133 км/час. Рекордот го држи Свети Јуре на Биоково со 270 км/час. Доколку се потврди оваа информација, тоа ќе биде најголемата брзина на ветер што официјално е измерена во Хрватска.


Србија

Западниот регион парализиран

Силното невреме завчера ја погоди Западна Србија. Дождот проследен со ветер го парализира сообраќајот во Чачак. Поединечни населби останаа без струја повеќе часови. Во високите предели дождот премина во снег, а во јужниот и централниот дел на Србија висината на снежната покривка достигна од 5 до 20 сантиметри.


Македонија

Во Кривопаланечко до еден метар снег

Од „Македонија пат“ апелираат за внимателно возење и приспособување на брзината кон условите на патот. Висината на снежната покривка во повисоките места над 1.000 метри надморска висина во Кривопаланечко изнесува околу еден метар со наноси, поради што се непроодни неколку локални патишта во селата во близината на градот и во Ранковце.


Од денеска стабилизирање на времето

По нестабилното време во вторникот и во средата, од денеска во Хрватска се очекува смирување на состојбата, со слабеење на ветрот и сончево време, но со студени утра и температури под нулата. В петок и сабота во централна и источна Хрватска ќе биде променливо облачно, но ќе се задржи суво и ладно време. В недела се очекуваат засилување на југозападниот ветер и раст на температурите, изјави метеорологот Томислав Козариќ, од секторот за временска анализа и прогнози во Државниот хидрометеоролошки завод, кои ги објави „Јутарњи лист“.
Во Србија температурите во наредните денови ќе бидат во пад, но ќе има силен северозападен ветер, проследен со бура. Најниската температура ќе биде околу два степена, а највисоката дневна околу пет степени. Во наредните седум дена ќе биде значително постудено.
Во Македонија денеска нѐ очекува повремено облачно, а в сабота и недела ќе има разведрување, сончево и потопло време, со дневни максимални температури од седум степени. Утринските температури ќе бидат во пораст.