Словенечкиот премиер Јанез Јанша се соочува со критики откако на Твитер напиша дека дел од европратениците за марионети на американскиот милијардер Џорџ Сорос.

Меѓу споменатите во провокативниот твит е Софи инт Велд, која е на чело на мисијата што ја истражува словенечката усогласеност со владеењето на правото и со спогодбите за медиумска слобода.

– Итно го повикуваме Јанша да престане со провокациите против членови на Европскиот парламент. Нападите врз пратениците се напади и врз европските граѓани – порача претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, преку Твитер.

Претседателот на Европската комисија, Шарл Мишел, пак, апелираше за меѓусебно почитување меѓу институциите на ЕУ.

Реакцијата на Сасоли уследи откако Јанша на Твитер објави фотографија во прилог на која пишуваше – 13 од 226-те познати марионети на Сорос во Европскиот парламент. Словенечкиот премиер набргу потоа ја избриша фотографијата, за која беше откриено дека потекнува од блог што шири радикални ставови.

Дел од европратениците и европските лидери го обвинија Јанша за антисемитизам и за ширење на теории на заговор против ЕУ. Словенечкиот премиер деновиве се соочува и со напади од опозицијата во неговата држава.