Неколкуте нонпејпери предизвикаа револт во сите земји од регионот поради предлозите што беа содржани во новите карти на Балканот. Ова може да се протолкува и како етнонационалистички список, со желби од 90-тите години од минатиот век, пишува во освртот на британската новинска агенција

По 12 години на местото висок претставник во Босна и Херцеговина, Валентин Инцко поднесе оставка, а на негово место е именуван германскиот дипломат Кристијан Шмит. Именувањето на Шмит е прифатено од амбасадорите на земјите-членки на управниот одбор на Советот за спроведување на мирот во БиХ (ПИК), но без согласност на Русија, која се противи на ова кадровско решение. Примопредавањето на оваа должност е најавено за први август годинава, а тоа мора да биде потврдено од Советот за безбедност во ОН. Русија во повеќе наврати се изјасни дека канцеларијата на високиот претставник треба да се затвори, а со тоа да заврши и странскиот протекторат во БиХ. Поради тоа, Република Српска очекува, на седницата на Советот за безбедност, Русија да стави вето на именувањето на Шмит. За Милорад Додик, српскиот член на Претседателството на БиХ, оставката на Валентин Инцко е блеф на меѓународната заедница, за да се именува ново лице и порача дека тој поддржува решение што е усогласено од РС, Србија, Федерацијата БиХ и Хрватска, пренесуваат медиумите во регионот.
Како меѓународен висок претставник во Босна и Херцеговина, неговата работа е да го зачува мирот, кој трае откако Дејтонскиот мировен договор му стави крај на конфликтот во 1995 година, по речиси четири години борби што чинеа околу 100.000 животи, пишува Би-би-си, осврнувајќи се на последните случувања по објавувањето неколку неофицијални документи, кои сугерираат дека некои од границите на Балканот треба да бидат корегирани.

Високиот претставник во БиХ, Валентин Инцко, кој завчера поднесе оставка по 12 години на функцијата, нагласи дека Дејтонскиот мировен договор не предвидува мирно разидување во БиХ. Во интервју за белградска „Политика“, Инцко, одговарајќи на прашање во врска со нонпејпeрите што се појавија неодамна, рече дека со нив е направена голема политичка штета и е создадена атмосфера на нестабилност.
Неколкуте нонпејпери предизвикаа револт во сите земји од регионот, поради предлозите што беа содржани во новите карти на Балканот. Меѓу нивните предлози беа: „мирно распуштање“ на Босна и Херцеговина, при што Србија и Хрватска ќе анексираат голем дел од нејзината територија; oбединување на Косово и Албанија и создавање автономен, мнозински етнички српски регион во северно Косово. Ова може да се протолкува и како етнонационалистички список со желби од 90-тите години од минатиот век, констатира авторот на анализата на Би-би-си.
– Правиме грешка ако мислиме дека замрзнатите конфликти остануваат замрзнати засекогаш. Видовте во Нагорно Карабах и во Палестина – замрзнатите конфликти може да избијат во секое време. Ова може да биде случај и во Босна и Херцеговина – изјави Инцко.

Малкумина имаа да кажат нешто во прилог на тоа што беше пласирано во нонпејперите, освен Милорад Додик, кој никогаш не пропушта шанса да ја поттикне идејата за отцепување за мнозинскиот регион на етничките Срби. По реакциите, Словенија мораше да се изјасни дека таа не е авторот на првиот документ, за подоцна и медиумите во Косово да го објават вториот нонпејпер како наводен „француско-германски“ предлог.
Џејмс Кер-Линдзи, експерт за Балканот од Лондонската школа за економија, вели дека ова е еден начин за европските лидери да се справат со навидум нерешливите прашања во регионот, пренесува Би-би-си.
– Не можеме да негираме дека има проблеми на Западен Балкан. Постојат две значајни прашања што треба да се решат: спорот меѓу Србија и Косово за независноста на Косово и длабоката политичка дисфункционалност што постои во Босна – нагласува тој.
Словенија се обиде да ги демантира информациите дека таа стои зад нонпејперот и на регионалниот самит на почетокот на овој месец предложи декларација со која се потврдува неповредливоста на сегашните граници. Но Србија го одби тоа, а претседателот Александар Вучиќ рече дека неговата земја ги признава „границите утврдени со повелбата на ООН“. Со други зборови, тој немаше да потпише документ што може да се толкува како признавање на независноста на Косово. По состанокот со Вучиќ во Словенија, претседателката на Косово, Вјоса Османи, за Би-би-си изјави оти е убедена дека Белград стои зад „неформалните документи“.
Но со приближувањето на крајот на 12-годишниот мандат како висок претставник, Валентин Инцко едноставно сака сите да ги прифатат границите како што се и да се фокусираат на евентуалното здружување во Европската Унија.
Подобра идеја би било да се следи примерот на Тирол – еден дел е во Италија, друг во Австрија. Но тоа е еден регион, со четири слободи и една валута.
Но членството во ЕУ за земјите од Западен Балкан ќе остане недостижно со години. И тоа значи дека ќе следуваат многу повеќе нонпејпери, пишува Би-би-си.