Мнозинството од коалицијата што го собори Слободан Милошевиќ веруваше дека за да се избегне „кравава револуција“, подобро е да се остават на власт некои од клучните фигури на безбедносните служби поставени од поранешниот социјалистички лидер

Дваесет години по падот на Слободан Милошевиќ, припадниците на шпионските безбедносни служби сè уште не ги предале досиејата што би расветлиле важни злосторства од времето на авторитарниот режим во Србија. Милошевиќ се обиде да ги намести претседателските избори во Србија на 24 септември 2000 година, но без резултат. По двонеделните протести, незадоволни граѓани на петти октомври влегоа во зградата на српското собрание, што значеше и крај на владеењето на повеќедецениско авторитарно минато, пишува во анализата Срѓан Цвијиќ, виш аналитичар на политиките за надворешни односи на ЕУ од Институтот за европска политика на отворено општество во Брисел.
Мнозинството од коалицијата што го собори Милошевиќ во 2000 година веруваше дека за да се избегне „кравава револуција“, подобро е да се остават на власт некои од клучните фигури на безбедносните служби поставени од поранешниот социјалистички лидер. Но оваа одлука донесе значителни последици. Политизираната полиција почна со уништување на сите докази за злосторствата извршени од тогашниот режим. Освен уништување на класифицираните досиеја на безбедносната служба, нејзиниот шеф Радомир Марковиќ организира одземање и кражба на безброј други документи што ги остави владата на Милошевиќ, но тие не беа уништени.

Намерата не беше само да се заштитат мрачните тајни на автократијата што изумираше, туку да се задржат овие досиеја и да се користат како алатка за уцена по изборот на нови демократски влади.
Во мај 2001 година, новата демократска влада усвои декрет за декласификација на сите досиеја за граѓаните што ги имаше безбедносната служба на стариот режим. Претходно, во февруари 2001 година, јавниот обвинител поднесе обвиненија против Марковиќ и неколку врвни шпиони на Милошевиќ за нелегално копирање цедиња во кои беа содржани досиеја на опозициските лидери. Парадоксално, декретот во мај ги декриминализира постапките на Марковиќ и така ги отстрани правните основи врз кои можеа да одговараат неговите соработници, забележува авторот на анализата, која е објавена на „Балкан инсајт“.
За разлика од германскиот закон за досиејата на Штази од 1991 година, српскиот декрет им дозволуваше на граѓаните „да имаат увид“ во своите досиеја. Тие не можеа да ја копираат или репродуцираат содржината дури и со пенкало и хартија, ниту пак можеа да ги информираат другите за какви било информации што се наоѓаат во нивните досиеја. Откривањето на содржината на документите технички би претставувало кривично дело. Она што беше наменето како регулатива за отворање на досиејата на тајната полиција де факто служеше како инструмент за нивно затворање, веројатно засекогаш.

Од мај 2001 година до јуни 2003 година, кога Српскиот уставен суд го осуди мајскиот декрет за неуставен, околу 8.000 луѓе поднесоа барање до службата за безбедност дали има досиеја за нив. Поранешните агенти на Милошевиќ „успеале“ да пронајдат досиеја за 420 лица. Повеќето досиеја беа исто така преработени и тие речиси исклучиво се однесуваа на периодот пред владеењето на Милошевиќ. За споредба, во истиот период, повеќе од милион поранешни Источногерманци се пријавија за да видат дали има досиеја за нив. Германија најде 1.000 пати повеќе досиеја отколку што направија властите во Србија. Во Србија, само пет проценти од луѓето што ги побарале своите досиеја ги виделе. Во Германија, оваа бројка беше близу 37 проценти.
Иако некои се обидоа да се заложат за регулирано отворање на тајните досиеја на безбедносните служби по иста линија како Германија или другите поранешни комунистички земји, Србија сè уште не усвои системски закон со кој се регулира пристапот до досиејата за периодот пред 2000 година.

Само две лица од службата за безбедност на Милошевиќ завршија во затвор за политички злосторства што режимот ги изврши во 90-тите години на минатиот век. Другите не само што го живеат животот неказнето туку во некои случаи продолжуваат да ги држат уздите на моќта.
Декласификацијата и лустрацијата сами по себе не обезбедуваат успешна демократска транзиција, но тие ги ставаат граѓаните на рамноправно ниво со државата. Во Србија, 20 години по демократската револуција, граѓаните сè уште чекаат да дознаат дали државата ги шпионирала, констатира Срѓан Цвијиќ.