Косовскиот претседател Хашим Тачи го смени претходниот став дека во изнаоѓањето решение за споровите со Србија нема црвени линии и нагласи дека Косово, сепак, има свои услови во завршната фаза од дијалогот со Белград, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според Тачи, овој процес треба да се затвори со историски договор, односно со договор кој ќе биде обврзувачки за двете страни, а чиј конечен резултат ќе биде признавањето на Косово од страна на Србија.

– За косовската страна постои јасна црвена линија, овој процес треба да се заокружи со конечен, историски договор, со признавање од страна на Србија на косовската држава. Секој друг договор е безвреден. Значи договорот ќе биде финален и ќе има меѓусебно признавање, изјави Тачи во Качаник, каде присуствуваше на отворање фабрика.

Косовскиот претседател потврди дека следниот круг од дијалогот со Србија во Брисел, каде тој ќе се сретне со српскиот колега Александар Вучиќ, ќе се одржи на 18 јули.