Претседателот на Косово Хашим Тачи го потпиша денеска указот за трите закони со кои започнува трансформацијата на досегашните Безбедносни сили (ФСК) во Војска на Косово.

На церемонијата на потпишувањето во кабинетот на Тачи присуствуваше и командантот на косовските оружени сили, генералот Рахман Рама.

Претседателот рече дека денешниот ден е значаен за косовската држава и им честита на припадниците на војската и на народот на Косово. Тој им се заблагодари на Соединетите Американски Држави и на сите земји сојузнички кои го поддржаа Косово во процесот на трансформацијата на ФСК во војска.

Законите за Министерството за одбрана, за ФСК, и за службувањето во ФСК беа усвоени на 14 декември со гласовите на сите пратеници во Собранието на Косово, освен на оние од партијата на косовските Срби, Српска листа, кои се категорично против формирање оружени сили на Косово.