Косовскиот претседател Хашим Тачи, во пресрет на средбата со неговиот српски колега Александар Вучиќ, што ќе се одржи в недела во Брисел, изјави дека таа е мошне значајна, бидејќи претставува финална фаза пред постигнувањето договор меѓу Косово и Србија за помирување на двата народи.

Тачи на прес-конференција во Приштина изјави дека за нормализација на односите меѓу двете земји се заинтересирани и САД и Европската унија, од кои добил поддршка.

– Наша цел е во оваа завршна фаза да биде постигнат правно обврзувачки договор меѓу Косово и Србија, кој ќе овозможи нормализирање на односите меѓу нашите земји и народи. Време е по овие преговори, кои на еден или на друг начин продолжуваат, да се потпише историски договор, со кој ќе се стави крај на една трагична епоха за односите меѓу двете држави – потенцира косовскиот претседател.

Тој нагласи дека е свесен оти следат тешки преговори, но порача дека „Косово нема зошто да се плаши од дијалогот, ниту, пак, од неговиот епилог“.

– Како општество и политика, Косово ја имаше потребната храброст, знаење и организираност, меѓусебна согласност, како на конференцијата во Рамбује, така и во Виена, преку преговори и праведна борба да прогласи независност и да формира држава – рече Тачи.

Тој нагласи дека постигнувањето договор со Србија е неопходно за забрзување на интегративните процеси на Косово.

Средбата на Тачи и Вучиќ в недела во Брисел ќе се одржи со посредство на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.