Косовскиот претседател Хашим Тачи оцени дека ставовите на Русија по однос на косовското прашање се познати, но дека тие ќе се сменат доколку Косово и Србија постигнат договор и Москва ќе се прилагоди на него.

Тачи, како што јави дописникот на МИА од Приштина, изјави денеска дека тоа му го потврдил и премиерот на Русија Дмитри Медведев, при нивната средба во Анкара, каде што обајцата присуствуваа на инаугурацијата на турскиот претеседател Реџеп Таип Ердоган.

– Не е некоја новина, тоа е нешто што е познато и не мислам дека Русија ќе заземе уште посрпска позиција од онаа што ја има актуелен Белград. Ние, со постигнувањето на договор меѓу Косово и Србија за нормализација, помирување и меѓусебно признавање, им го избиваме секој адут на противниците на независноста, за да не можат да го спречат нашиот пат кон зачленувањето во Европската унија, во НАТО и во Обединетите нации, рече Тачи во Гњилане, каде што отвори фабрика за преработка на овошје.