Лекарите од Србија бараат оставка на националниот кризен штаб, а силни критики на сметка на работата на националните тимови за справување со епидемијата на коронавирусот имаше и во Хрватска и во Македонија

Балкански феномени

Околу 360 лекари во Србија, собрани во неформалната група „Обединети против ковид“, во отворено писмо упатено до српската влада и до други надлежни институции пишуваат дека земјата се соочува со јавно-здравствена катастрофа. Лекарите потписници на ова отворено писмо се оградуваат од републичкиот кризен штаб за борба против епидемијата и побара негова смена. Во нивните барања се да се формира нов кризен штаб и да се истражат информациите во медиумите за прикривање на вистинските бројки за заболени и починати лица во Србија, како и да им се застане на патот на заплашувањето и политизацијата, со што се нарушува личното достоинство на здравствените работници.

Писмото на групата српски лекари е прва јавна реакција на медицинскиот персонал во земјите од регионот, од почетокот на пандемијата во март годинава. Главната причина за нивното огласување е сѐ понезавидната состојба со која се соочува медицинскиот персонал во справувањето со зголемениот број заразени лица од коронавирусот. Србија, која деновиве со соочува со трицифрен дневен пораст на заболени лица и висок број на починати, е изложена и на политичка дестабилизација поради ширењето на коронавирусот. По одржувањето на парламентарните избори, во земјата се одржаа неколкудневни масовни протести од граѓаните, кои се спротивставија на најавите на Кризниот штаб за нови мерки за ограничено движење на населението. Повод за протестите беше и необјективното информирање за бројот на заразени и на починати лица што беа соопштувани од претставниците на Кризниот штаб и од Владата на Србија.
Лекарите што јавно побараа оставка од Кризниот штаб добија поддршка и од опозициските партии во Србија, кои предлагаат новиот државен епидемиолошки тим да биде стручен и без политичко влијание од актуелната власт. Од демократската партија сметаат дека досегашниот кризен штаб ја изгуби довербата на граѓаните затоа што повеќе ги штитеше интересите на власта отколку на здравјето на граѓаните, како и за недоследноста во предлагањето, толкувањето и спроведување на мерките против вирусот.

Критики на сметка на работата на Кризниот штаб за справување со епидемијата од коронавирусот имаше и во Хрватска. Медиумите континуирано информираа за недоследноста во носењето на мерките од Националниот штаб на цивилната заштита, а имаше и критики за недоволниот број тестирања, за да се прикаже и помал број на заболени лица, за да може да се спаси дел од летната туристичка сезона, кога државата остварува голем девизен приход.
Пред одржувањето на парламентарните избори во Хрватска се засилија и критиките за политизираност на Националниот штаб поради блискоста на некои членови со владејачката ХДЗ.
– Политизацијата веројатно е дел од кампањата и за нарушување на автентичноста на тоа што се зборува од Националниот штаб. Но нам ни приоѓаат луѓето и ни честитаат за тоа што го правиме за нив – изјави Алемка Маркотиќ, раководителка на инфективната клиника во Загреб и членка на Кризниот штаб за справување со епидемијата.

Од почетокот на епидемијата во Македонија, во домашната јавност има поделеност за ставовите дали Кризниот штаб успешно се справува со епидемијата. Најголеми реакции меѓу главните политички партии се водеа за тоа дали постојат здравствени услови за одржување на предвремените парламентарни избори, како и за тоа дали да се прогласи полициски час за викендот, кога се славеше верскиот празник Рамазан. Според мислењето на повеќето граѓани, Кризниот штаб потклекна на притисоците на албанските политички партии при олабавување на мерките за ограничено движење на граѓаните, што се смета и за критичен момент од појавувањето на вториот бран за ширење на коронавирусот. Двете најголеми партии имаат различни ставови за успешноста во справување со епидемијата.

Пред изборите лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара Комисијата за заразни болести да преземе одговорност, но и, како што рече, не била на нивото на својата задача. Од СДСМ, пак, возвратија дека ВМРО-ДПМНЕ не се компетентни да даваат какви било оцени за работењето на комисијата и за справувањето на Владата со ковид -19, обвинувајќи дека за актуелната здравствена состојба е одговорно и Министерството за внатрешни работи, кое недоволно се ангажирало околу контролата за спроведување на здравствените препораки за носење маска и одржување дистанца на луѓето на затворен и отворен простор. За поуспешна борба против епидемијата од опозициската партија предложија и да се повикаат експерти од Словенија, но тоа не беше прифатено од здравствените власти во земјата.