Наставата по македонски јазик се одвива во десет училишта во Србија / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонскиот јазик во Србија се изучува од 2012 година, досега се објавени учебници за прво до четврто одделение, но учениците и наставниците често се соочуваат со проблемот на недостиг од учебници и друга потребна литература на македонски јазик за повисоките одделенија

Македонското малцинство во Србија ги негува своите врски со татковината

Постоењето на македонскиот идентитет и употребата на македонскиот јазик повторно беа повод за нарушување на српско-бугарските „добрососедски“ односи. Неколку дена по отворањето на трасата од балканскиот гасовод, српскиот претседател Александар Вучиќ и бугарскиот премиер Бојко Борисов, традиционално блиските „пријатели“, повторно се разединија за прашања поврзани со Македонија. Повод за новото српско-бугарско соочување беше изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев, дадена за националниот празник на Србите Св. Сава, за тоа дека српскиот јазик повторно ќе биде вратен во македонските училишта како изборен предмет и дека ќе биде изграден српски културен центар во Скопје. Оваа изјава многу ги разлути бугарските националисти, кои најдоа „оправдување“ за нивното вето за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, а едно од образложенијата на официјалните лица од Софија беше и тоа дека врските меѓу Скопје и Белград сѐ уште не биле раскинати!

Наспроти политиката, која се креира на дневна основа од Софија и од Белград, фактите за правото за изучување на македонскиот јазик од претставниците на нашите малцинства во Бугарија и во Србија се одамна познати. Од соседството каде што има македонски малцински заедници, настава на македонски јазик се изведува единствено во Албанија и во Србија. Во Грција македонскиот јазик би можел да се изучува само како „јазик на соседот“, а во Бугарија и таквата можност е речиси политички невозможна. Во Хрватска постои можност за факултативно изучување на македонскиот јазик, во рамките на училиштата, и државата ги финансира таквите програми, како дел од политиката на почитување на правата на малцинствата. Истата можност постои и во Црна Гора.
Пред неколку години „Нова Македонија“ направи репортажа во училиштето „Коста Стаменковиќ“ во Лесковац, во кое се изучува предметот Македонски јазик со елементите на националната култура. Тогаш, Македонскиот јазик како изборен училиштен предмет го посетуваа 59 деца во одделенијата во две лесковачки училишта. Сега во Лесковац наставата по македонски јазик до осмо одделение ја посетуваат 160 деца.
– Македонскиот јазик во Србија се изучува од 2012 година, досега се објавени учебниците од прво до четврто одделение, што ја отежнува наставата во одделенијата што наставата ја следат повеќе од четири години, а ги има сѐ повеќе – велат од Националниот совет на македонското малцинство во Србија, кој од своето формирање во 2004 година интензивно работи на остварувањето на колективните права на Македонците во Република Србија.
Наставата по предметот Македонски јазик со елементи на националната култура се спроведува во десет основни училишта во Република Србија, и тоа во Јабука, Качарево, Пландиште (3), Вршац (2), Нови Сад, Суботица, Лесковац и Богоевце, го изучуваат блиску 400 ученици, во учебната 2020-2021 година.

Во рамките на областа на образованието, уште во периодот 2006-2007 година Националниот совет направи стручен тим што ги подготви плановите и програмите за предметот Македонски јазик со елементи на националната култура од прво до четврто одделение. По дополнителните законските измени, наставата почна во септември 2012 година, во основното училиште „Гоце Делчев“ во Јабука. По усвојувањето на овие планови и програми, се стекнаа и услови за печатење учебници, исто така изработени од тимот што ги подготви и плановите и програмите за овој предмет. Заводот за учебници на Р Србија во 2014 година го објави и првиот учебник за прво одделение за паралелки со настава на српски јазик, во 2015-та излезе учебникот за второ одделение, а во 2017 година и учебникот за трето одделение. Сѐ уште се чека да излезе од печат учебникот за четврто одделение.
Освен во училиштето во Јабука, македонскиот јазик се изучува и во основното училиште „Жарко Зрењанин“ во Качарево, а од учебната 2015-2016 година македонскиот јазик почна да се изучува и во основните училишта „Коста Стаменковиќ“ во Лесковац и „Бора Станковиќ“ во Богоевце. Во 2017-2018 година македонскиот јазик почна да се изучува и во основните училишта „Доситеј Обрадовиќ“ во Пландиште, „Јован Јовановиќ-Змај“ во Хајдучица (Пландиште), „Моше Пијаде“ во Гудурица (Вршац) и „Вељко Влаховиќ“ во Нови Сад. Последнава, 2020-2021 година македонскиот јазик како изборен предмет имаат можност да го слушаат и учениците во основните училишта „Кизур Иштван“ во Суботица и „Јован Стерја Поповиќ“ во Вршац.
– Учениците и наставниците често се соочуваат со проблемот на недостиг од учебници и друга потребна литература на македонски јазик. За ова отворено прашање редовно се информираат институциите во Македонија – посочуваат од македонскиот национален совет во Србија.

Недостигот од учебници на македонски јазик беше делумно покриен со 150 учебници за петто, седмо и осмо одделение, кои ги врачи премиерот Зоран Заев при посетата на Белград во 2017 година.
– Но, и покрај овие проблеми, интересот за изучување на јазикот од година на година е сѐ поголем и се стекнуваат услови на „отворање“ нови училишта и одделенија во местата во кои функционираат и се активни македонските здруженија – нагласуваат од Националниот совет на Македонците во Србија.
За полесно изучување на македонскиот јазик во Србија е донесен и правилник за стручната спрема на наставниците што може да ја изведуваат наставата за овој предмет. Во наставните планови и програми, покрај содржините врзани за јазикот, застапени се и содржините поврзани со историјата, географијата, историјата на уметноста, како и специфичностите на македонското национално малцинство во Србија, така што, покрај наставниците по македонски јазик, наставата може да ја изведува и наставниот кадар по историја, географија и музичка уметност. Исто така, при избор на директор во основните училишта во кои се изучува македонскиот јазик, свое мислење и препорака за пријавените кандидати дава и Националниот совет.