Фото: Игор Бансколиев

Од вчера Балканот е зафатен со студен бран, придружен со снег, мраз и ниски температури, што ќе се задржат до крајот на работната недела. Во текот на вчерашниот ден, во Загреб паѓаше снег, а во другите делови на Хрватска се задржа дождливо време. Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување за континенталниот дел и за средна и јужна Далмација. Во Кварнерискиот Регион дуваше силен јужен ветер, кој премина во бура, а ветерот достигнуваше брзина од 130 км на час.
Хидрометеоролошкиот завод на Србија за наредните денови најави студени утра со слаби мразеви. За вчера попладне и во вечерните часови беше најавено наоблачување од север, што ќе се прошири и во другите делови на Србија. Во деновите што следуваат на некои места ќе паѓа дожд измешан со снег. На повисоките места ќе биде формирана и мала снежна покривка.

Вчера во Босна и Херцеговина се очекуваше силно наоблачување што ќе премине во снег, а во низините ќе паѓа и дожд. За утрешниот ден температурата на воздухот ќе се движи од -9 до -3, а на југот на земјата до 2 степени Целзиусови. Највисоката дневна температура ќе биде од 6 до 12 степени. Слабите утрински мразеви можат да доведат до оштетување на расцветаните овошки.
Денеска во Македонија ќе има повремени врнежи од дожд на повеќе места. На планините и на некои повисоки места врнежите ќе бидат од снег. Кон крајот на денот и во вечерните часови поради пробив на постудена воздушна маса од север, ќе има услови за послаби врнежи од снег и на некои пониски места, особено во западните предели.
Од четврток ќе има стабилизирање на времето, додека утринските температури на повеќе места ќе се спуштаат под нулата. Дневните температури ќе бележат тенденција на постепен пораст.