Утврдената вредност во Црна Гора е двапати повисока од оние во најразвиените земји во светот

Вкупното богатство на Црна Гора се проценува на 20,8 милијарди евра, а од нив во сопственост на странците се 38 отсто, се наведува во Нацрт-програмата за економски реформи (ПЕР) за периодот од 2020 до 2022 година. Оваа пресметка и анализа за висината на националното богатство се направени во Министерството за финансии на ЦГ, врз основа на извештаите на две странски реномирани финансиски институции.
„Високото учество на странската сопственост може да придонесе за значаен трансфер на технологија и знаење, но, од друга страна, може да биде извор на политичка нестабилност“, се наведува во владиниот документ.

Ова е прв пат во јавноста да бидат објавени податоците за вредноста на Црна Гора и за учеството на странските лица во сопственоста. Универзитетскиот професор и економист Миленко Поповиќ вели дека овие податоци може да се користат за многу анализи и за дефинирање на црногорската економија и за креирање соодветна стратегија за идниот развој на земјата.

– Проценетата вредност на богатството е доста висока за земја како што е Црна Гора. Тоа се гледа преку капиталниот коефициент, од односот меѓу проценетата вредност на националното богатство и вредноста на БДП, кој е на ниво од 4,9 отсто. Ова е значајно затоа што утврдената вредност во Црна Гора е двапати повисока од оние во најразвиените земји во светот. Во САД тој коефициент изнесува околу 2,5. Со други зборови, за да се создаде едно евро, ние мора да имаме на располагање капитал во вредност од 5 евра, додека за САД за тоа е доволно да се има 2,5 евра. Ова на прв поглед е во спротивност со економската логика. Логично би било земјите со повеќе капитал да произведуваат и повеќе доход – изјави Поповиќ за „Вијести“.
Сегашниот капитален коефициент е речиси на исто ниво како и во втората половина на 20 век, кога во Црна Гора се завршуваа многу енергетски, инфраструктурни и металопреработувачки проекти што се капитално интензивни. Денес, и покрај уништувањето на металопреработувачкиот сектор, високиот капитален коефициент се должи на туризмот.

– Туризмот, според степенот на капиталната интензивност, е веднаш по енергетиката. Туристичката дејност создава доволно работни места, но тие не се квалитетни од аспект на знаењето, ни од квалитетот на животот што го нуди. Оваа дејност е многу непредвидлива и затоа туризмот не би требало да биде главна, а особено не единствена стратегиска гранка за развој на земјата – објаснува Поповиќ.
Економската аналитичарка Мила Касалица вели дека воопштените заклучоци во ПЕР се неважни за одговорен пристап во анализирање на економските теми.

– Од времето на стихијно спроведената приватизација научивме дека странските инвеститори не се насочуваат кон пренесување на ноу-хау, туку стануваат најдоследни следбеници на нашите локални можности за водење бизнис, преку кафанократски кругови и други нетранспарентни кулоари на моќта. Во минатото, а и сега, преносот на технологија и знаење не доаѓа со странскиот капитал и со надворешните членови во управите и менаџментот во Црна Гора. Тоа претставува најголем пораз за отвореноста на нашата економија – наведува Касалица.