Поранешниот претседател на Хрватска Стипе Месиќ изјави дека фотографијата на која е тој се склопени раце како симбол на двоглавиот орел е стара и оти таа не е настаната како знак на поддршка за казнетите фудбалери од репрезентацијата на Швајцарија.

– Одамна беше тоа. Не се ни сеќавам, во која прилика е направена, очигледно во некоја приватна атмосфера. Дури не знам ни точно кога е сликана, изјави Месиќ.

Тој појасни дека фотографијата нема политичка конотација и оти претпоставува дека некој го замолил да се слика со дланките вкрстени на гради.

Тој вели дека дури не ја познава ни личноста на објавената фотографија која се појави на социјалните мрежи.

Со тоа Месиќ ги демантираше тврдењата на српскиот печат дека фотографијата е направена во знак на поддршка на фудбалерите со албанско потекло од швајцарската репрезентација, кои беа казнети за покажување на тој симбол.

Поради симболот со рацете, ФИФА изрече казни со предупредување и парична казна од 10.000 швајцарски франци за фудбалерите  Гранит Џака и Џердан Шаќири.поради „неспортско однесување”.