Сумата што е исплатена за поволни станбени кредити за политичари и државни функционери во Црна Гора надминува над 3,5 милиони евра, а за еднократна социјална помош биле исплатени 700 илјади евра

Владата на Црна Гора потрошила многу повеќе на субвенции за купување станови за државни функционери по поволни услови од висината на средствата што се наменети за исплата на еднократна помош за социјални случаи. Премиерот Душко Марковиќ го симна ембаргото за објавување на списокот со 95 политичари, судии и државни функционери што во текот на неговиот мандат добиле станови или поволни станбени кредити. Сумата што е исплатена надминува над 3,5 милиони евра. Функционерите што имаат високи примања, со овие поволности плаќале рати за становите во износ од 30, 40 или 100 евра. Според податоците на Министерството за труд и социјала на ЦГ, во истиот тригодишен период се поделени 700 илјади евра за еднократна помош на сиромашните граѓани.

За директорот на Истражувачкиот центар „Мрежа за афирмација на невладиниот сектор“ (МАНС), Дејан Миловц, ова е показател дека владата повеќе внимание посветува за партиските и државните војници отколку за делот од граѓаните што имаат реални социјални потреби.
– За една држава, која по својата дефиниција е социјална, апсолутно е неприфатливо на одделни функционери станбеното прашање да им се решава неколкупати. А, од друга страна, имаме еден од најлошите системи на социјална заштита – изјави тој за „Вијести“.

Одлуката за начинот и критериумите за решавање на станбените потреби на функционерите, која пред пет години ја потпиша сегашниот претседател Мило Ѓукановиќ, предвидува државните функционери да добијат стан или кредит, во зависност од работниот стаж до 80 отсто од исплатениот износ. Покрај ова, биле давани и поволни услови за купување стан на рати во траење до 20 години и помала цена за квадратен метар во висина од пет отсто за секоја година и старост на зградата по стапка од три отсто. Така, на пример, претседателот на Уставен суд, Драгољуб Драшковиќ, за добиениот стан од 109 квадратни метри на крајот платил 25.000 евра!
За разлика од него, граѓанинот што пред две години купил еднособен стан преку проектот „1000+“, со поволни каматни стапки, за наредните 18 години за исплатување на кредитот од 45.000 евра за месечна рата ќе плаќа по 300 евра.

Од Агенцијата за спречување на корупцијата, за „Вијести“ одговорија дека ќе ги испитаат сомневањата за кршење на посочениот закон, на некоја од наредните седници на советот на антикорупционери. Меѓутоа, директорот на АСК, Сретен Радоњиќ, кој е станбено обезбеден, од Владата добил 40.000 евра, кои не се наведени во имотниот лист, а неговото образложение за тоа е дека промените во имотната состојба ќе ги пријави кога ќе се реализираат целосно.

Од организацијата КОД го објавија списокот на стотина државни функционери што добиле станови или станбени кредити во периодот од парламентарните избори во 2016 година, кога премиер беше Ѓукановиќ.

– Сумата што е одобрена за оваа намена од 3,5 милиони евра е доволна да ги покрие трошоците за печатење на учебниците за сите основци за пет години. Власта вели дека нема доволно средства за печатење на учебниците. Овде станува збор за одредување на приоритетите – вели Срѓан Периќ.

Некои функционерите што ги стекнале становите под поволни услови, во меѓувреме ги продале и се преселиле во помали станови. Разликата во цената за нив претставува чиста добивка. „Вијести“ објави информација дека потпретседателот на Владата за рурален развој во 2016 година станал сопственик на стан од 90 квадратни метри за 14.200 евра, а станот потоа го продал за 80.000 евра.